О нама

Издање во создание и група термини

Термини/поими е група која низ самообразование се занимава со проучување на поими/термини од светот на современите уметнички, теориски, културни и образовни пракси од перспектива на актерите на независната културна уметничка сцена во Скопје и Белград. Целта на работата на групата не беше да се произведе нов поимник, речник или лексикон, туку создавање на релациони мрежи на поими коишто начесто се користат, а коишто ги разбираме или различно едни од други, или не сме свесни на нивните различни читања во зависност од теориската (или идеолошката) позиција. Со преиспитување на потеклото, епистемологијата и политиката на термините доаѓаме пред сè до не-подразбирачка и не-колоквијална-анти-жаргонска платформа на поими. Жаргонот подразбира база, специјализирана комуникација, во која знаењето се имплицира, а многу често е потполно празен – и позади искористениот вокабулар не стои знаење кое се подразбира, туку многу често, демонстрација на припадност на моментот, „браншата“, идеологијата… Ваквото стојалиште не подразбира некаква врста на идеалистичка потрага за „автентично“, „изворно“ значење на зборот, туку напротив, трага за контекстуално, историско-материјалистичко втемелување на терминот и политичноста на неговата употреба. Исто така, нашата намера не е целосно откривање и демонстрација на механизмите на жаргонот или тврдење дека сме изземени од него. Работата на де-жаргонизација ја поставуваме и како афирмација на нови термини, кои веќе на почетокот може да подлежат на „превентивна“ де-жаргонизација.

Veliki najlon 2

iz procesa rada

Тоа што во оваа публикација го нудиме како формат за де-жаргонизација на подразбираните и афирмација на новите термини е регистратор- едноставна табела која е еден од можните алгоритми на користење на оваа публикација. Со термините претставени низ оваа табела се одредува потеклото, историјата, употребата, референците и „опис“ кој може да биде белешка, уметнички став, список на други термини, или нешто блиско до дефиниција од лексикон. Одредниците од табелата упатуваат на текстови во публикацијата и вон неа- на овој начин регистраторот сите текстови ги сложува во релациона мрежа на поими и нивни дефиниции, и создава практично неограничена хипертекстуална структура. Публикацијата е отворена – како во содржината така и во структурата- и нејзината вистинска цел доаѓа до израз со понатамошна работа на нејзините корисници- уредници/чки-автори/ки-читатели/ки: со пополнување, проширување, преуредување и користење. Затоа регистраторот го оставаме полу-завршен, демонстрирајќи во неговото пополнување неколку различни начини и формати на негово користење и повикуваме на соработка во неговото ширење и усложнување.

Veliki najlon 1

iz procesa rada